Три лица загинаа во експлозија во станбена зграда во Истанбул, јавија турските медиуми.
Се сомнева дека причина за експлозијата во трикатницата во истанбулскиот кварт Кадикој е истекување на гас, но засега нема официјални информации.
Три лица загинаа, меѓу кои и едно десетгодишно девојче, а едно повредено лице од узбекистанско потекло е пренесено во болница.
Мртвото дете е ќерка на ранетиот кој во експлозијата го загуби 68-годишниот татко. Третото лице кое почина не е идентификувано.
Експлозијата предизвика пожар, а пламенот брзо се прошири на уште две згради. На местото на настанот се испратени голем број пожарникари, полиција и медицински лица.
Пожарникарите успеаја да го стават под контрола пожарот кој избувна синоќа околу 19 часот.Екипите по петчасовен увид го завршија увидот на лице место и се очекува во текот на денешниот ден да се расветлат причините за експлозијата и пожарот, јави ТРТ.