Балкан

Во објавениот извештај на ЕУ се бара Србија итно да воведе санкции кон Русија

Во објавениот извештај на ЕУ се бара Србија итно да воведе санкции кон Русија

Европската унија очекува Србија да даде приоритет на усогласеноста со заедничката надворешна политика на ЕУ, вклучително и санкциите против Русија, и да ги унапреди преговорите за сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација во дијалогот со Косово „без натамошно одлагање“.

Ова се клучните пораки до Белград од Брисел, каде што денеска Европската комисија ќе го презентира годишниот извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите и евроинтеграциите.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Емануеле Џиуфрет вечерва ќе му го предаде извештајот на ЕК на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Србија не ги почитуваше рестриктивните мерки на ЕУ против Русија“

Во извештајот, до кој пристап имаа белградските медиуми, се наведува дека Србија не ги почитувала рестриктивните мерки на ЕУ против Русија по нејзината инвазија на Украина, која започна на 24 февруари.

Се очекува Белград „во согласност со рамката за преговори ЕУ-Србија“, да покаже посветеност и „прогресивно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика“, вклучително и санкции против Русија.

Во извештајот, кој ќе го претстави комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји до Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, се оценува дека „не е постигнат натамошен конкретен напредок во преговорите за сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализацијата“ на Белград и Приштина, јави агенцијата Танјуг.

Комисијата ги повикува „Косово и Србија конструктивно да се ангажираат и да ги унапредат преговорите“ и „без дополнително одлагање“.

Комисијата смета дека постигнувањето таков договор е „итно и клучно за да можат Косово и Србија да напредуваат на нивните европски патишта“.

„Односите со Хрватска се затегнати“

Во однос на соседските односи и регионалната соработка, во Извештајот се наведува дека Србија останува посветена на подобрување на билатералните односи со другите земји кандидати, потенцијалните кандидати и соседните земји-членки на ЕУ и дека активно учествува во регионалната соработка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни