Свет

Полските власти се уште не соопштуваат дали паднале руски ракети

Полските власти се уште не соопштуваат дали паднале руски ракети

Полската влада потврди дека две лица загинале во експлозија на истокот на земјата, но не прецизираше што ја предизвикало. Вашрава одлучи да ја подигне борбената готовност вечерва. Висок американски разузнавач изјави дека руски ракети паднале во Полска, членка на НАТО, пренесува АП. Портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер рече дека САД во моментов немаат информации за да ги потврдат медиумските извештаи. Руското Министерство за одбрана посочува дека станува збор за провокација чија цел е ескалација на ситуацијата.

Полските медиуми објавија дека две лица загинале во вторникот попладне откако проектил погодил област каде се суши жито во Пжеводов, полско село во близина на границата со Украина. И полската влада потврди дека во експлозијата на истокот на земјата загинале две лица, но не прецизираше што ја предизвикало.

„Имаше експлозија во источна Полска“, изјави владиниот портпарол Пјотр Милер, по состанокот на Советот за национална безбедност.

Тој рече дека има тимови од експерти кои ја разјаснуваат ситуацијата и тие ќе продолжат да работат на собирање детали за, како што рече, „сериозна“ ситуација.

Милер рече и дека Варшава ја зголемува борбената готовност на своите воени единици и „проверува дали треба да го активира членот 4 од НАТО“.

Тој член вели: „Страните ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена“.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки претходно свика итен состанок на Советот за национална безбедност, кој го сочинуваат шефовите на министерствата за одбрана, внатрешни работи, правда и надворешни работи, како и координаторот на разузнавачките служби.

Портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер рече дека Соединетите Држави се „свесни за медиумските извештаи дека два руски проектили погодиле локација во Полска во близина на границата со Украина“, но дека во моментов немаат информации за да ги потврдат тие извештаи, пренесува Си-Ен-Ен.

Тој повтори дека САД „ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО“ додека САД чекаат повеќе информации.

Министерство за одбрана на Русија: Намерна провокација насочена кон ескалација на ситуацијата

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека извештаите на полските медиуми и официјалните соопштенија дека руски ракети погодиле полска територија се намерна провокација чија цел е ескалација на ситуацијата, пренесе Ројтерс.

„Немаше напади врз цели во близина на украинско-полската државна граница со руско оружје. шутот што полските медиуми го објавија од местото на настанот во Пржеводово немаат никаква врска со руското оружје“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Во селото Пржеводов на полската страна од границата попладнево се случи експлозија. Ројтерс се повикува на извори од полската противпожарна служба дека две лица загинале во експлозијата во Пржеводово.

„Пожарникарите се на терен, се уште не е јасно што се случило“, изјави Лукаш Кучи, дежурен во блиската противпожарна станица.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни