Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска од Кочани порача дека неговата партија нема да отстапи од ставот правосудниот испит да се полага на македонски јазик. Според партиското соопштение, тој истакнал дека за почитувањето на Уставот и законите, македонскиот јазик и државниот суверенитет нема простор за политички пазарења.
„Сè додека е ЗНАМ дел од Владата, правосудниот испит ќе се полага согласно закон и Устав, на македонски јазик! Може да има различни барања, притисоци и шпекулации, но нашиот став е јасен. Тоа се нашите црвени линии и од нив нема да отстапиме“, изјавил Димитриевски.
Тој зборувал на настан организиран во рамките на партискиот отчет под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, на кој раководството на ЗНАМ ги претставило резултатите од изминатите две години.
Димитриевски се осврнал и на случајот со Ива Михајлова, повикувајќи ги бугарските власти да ја екстрадираат врз основа на потерница која, според неговата изјава, ја издало македонското Министерство за внатрешни работи.
„Очекуваме почитување на правните процедури и соработка со надлежните институции“, порачал тој.
Во истиот контекст, Димитриевски оценил дека ниската излезност на изборите во Бугарија и апатијата кај тамошните граѓани не треба да се користат како повод за создавање, како што ги нарекол, „лажни политички теми“ и за притисок врз Македонија.
Според соопштението, на панел-дискусијата се обратиле и Борче Серафимовски, Павле Арсоски и Ивица Андов. Тие зборувале за поддршката на земјоделците и домашното производство, законските решенија и реформските процеси, како и за искористувањето на природните ресурси за економски развој.