Специјалната воена операција во Украина не зависи од временските услови и продолжува, изјави денеска за медиумите портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
-Специјалната воена операција продолжува, таа не зависи од климатските или временските услови. Нејзините цели мора да се постигнат, рече Песков, пренесе Тасс.
Одговарајќи на прашање за милионите украински граѓани кои на 15 ноември останаа без струја и топлина поради руските борбени операции во време кога временските прогнози предвидуваа пониски температури на воздухот, Песков рече дека тоа е резултат на напад на воена инфраструктура.
-Тоа се случи поради одбивањето на Киев да води преговори со Русија, рече Песков.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков вчера изјави дека на 15 ноември руските вооружени сили извршиле масовен напад со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух и море врз украинската војска, системи за команда и контрола и сродните енергетски објекти, додавајќи дека „целите на нападот се постигнати”.