Оџакот на Гинеколошка болница во Чаир ќе продолжи да го загадува воздухот. Тендерот за гасификација на овој објект е стопиран. Пред еден месец Министерот за здравство извести дека објавен е тендер, но сега тој вели дека тендерот треба повторно да се објави поради тоа што не се обезбедени дозволи од неколку општини.
Од Гинеколошката болница велат дека сега дозволите се обезбедени и дека документацијата за почеток на постапката е комплетирана но нема информации кога ќе започне гасификацијата. Илир Шурдани, портпарол на оваа болница се надева дека следната зимска сезона Гинеколошката болница ќе ја дочека со гасификација.
„Подготовката на документацијата за гасификација е комплетирана. Дополнително треба да се добие дозвола од Советот на општина Чаир и Управата за внатрешни работи, Одделот за експлозивни направи, двете дозволи се добиени и доставени во МЗ, во проектното одделение“, изјави Илир Шурдани, портпарол на Гинеколошка болница Чаир.
Од општина Чаир велат дека општинскиот совет на последната седница го разгледал барањето на Гинеколошката болница Мајка Тереза за промена на постоечкиот систем за греење и дал одобрение за имплементација на проектот за гасификација. Со ова е надмината првата фаза што го отвора патот за продолжување на постапката која сега веќе е во рацете на надлежните органи. Инаку во оваа болница се раѓаат над 4000 новороденчиња годишно. Болницата се грее на мазут, кој е штетен за околината. Затоа реагираа жителите и Град Скопје. Потсетуваме дека градоначалникот на Скопје, даде рок од 30 дена болницата да го реши проблемот со котлите и дека во спротивно ќе биде ставен клуч на врата.
РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ