Најмалку 28 лица, меѓу кои 27 ученици и еден наставник, загинаа откако покривот на приватно училиште се урна во пакистанскиот град Пешавар, јавува Би-би-си, повикувајќи се на информации од локалните здравствени власти.
Трагедијата се случила во четвртокот наутро, за време на наставата, во училиште во населбата Дир Колони. Според портпаролот на болницата „Лејди Ридинг“, Мохамад Асим, меѓу загинатите се деца на возраст од шест до 12 години.
Во несреќата, според податоците што ги пренесе Би-би-си, повредени се уште 19 лица, од кои петмина се во критична состојба. Најголем дел од повредените деца имаат повреди на главата.
Спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините, бидејќи постои стравување дека под нив сè уште има затрупани ученици. Надлежните предупредуваат дека бројот на загинати може дополнително да се зголеми.
По несреќата, во болницата „Лејди Ридинг“ била прогласена вонредна состојба за да им се обезбеди итна медицинска помош на повредените. Голем број родители пристигнале пред болницата во потрага по информации за своите деца, поради што болничката администрација побарала полициска помош за одржување на редот.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изрази длабока тага поради трагедијата и им наложи на надлежните институции да обезбедат целосна медицинска грижа за повредените.
Со порака до семејствата на загинатите се огласи и заменик-премиерот Исхак Дар, кој истакна дека трагедијата ја потресла целата нација.
„Нашите деца се нашето најскапоцено богатство и секоја ваква загуба е трагедија за целата земја“, порача Дар.
Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари побара темелна истрага за причините за уривањето, како и зајакнување на безбедносните стандарди во образовните институции за да се спречат слични несреќи.
Причината за уривањето на покривот засега е предмет на истрага.