Пругата на железничката станица во Битола се покри со каранфили во знак на сеќавање на 3.000 Евреи кои на денешен ден пред 76 години во вагони за добиток биле првично депортирани до Скопје, а потоа и до логорот Треблинка.
Израелскиот министер за Ерусалим и за животна средина Зеф Елкин истакна дека е радосен што битолчани ја чуваат меморијата за Евреите.
„Многу сме горди што сме дел од возобновувањето на еврејските гробишта бидејќи тие претставуваат еден значаен споменик за нас Евреите и да се биде дел од тоа обновување како татко на Ерусалим е за нас навистина е значајна работа“, изјави Зеф Елкин, израелски министер за Ерусалим.
Во маршот по Широк Сокак учествуваше и министер задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, кој рече дека злото од пред 76 години никогаш да не се повтори.
„Секако искористив тука прилика да се потсетиме на македонски и на албански семејства кои во тоа време онолку колку што можеа и колку што имаа можност спасуваа свои сограѓани од еврејската заедница и за тоа навистина треба да им сме благодарни и да ги памтиме засекогаш“, изјави Едмонд Адеми, министер за дијаспора.
На маршот на живите денеска присуствуваа и тинејџери со попреченост од Израел кои пееја молитви по Широк Сокак.
Денес во Битола нема Евреи, но маршот барем на неколку дена ги врати потомците на старите битолски еврејски семејства.
„На Еврејските гробишта ќе ја пресечеме лентата и ќе го отвориме патот на Евреите. Ќе го видиме сончевиот часовник кој беше направен од последното еврејско дете Мати Груберг роден во Битола пред војната. Стотици Израелци дојдоа тука има и луѓе со посебни потреби кои се приклучија на маршот“, рече израелскиот амбасадор Дан Ориан.
Минатата година во Битола, Здравствениот дома го доби името на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, кој за време на Втората светска војна го спасил Арслан Резничи, жител на Ѓаковица, тогашна Југославија, денес Косово. Муслиманот чие име се наоѓа на списокот на „праведници меѓу народите“ и според некои извори им помогнал на 43 еврејски семејства, му го спасил животот и на Абраванел. На ваков чекор се одлучил поради благодарноста кон лекарот кој му ги излекувал децата од тифус.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ