Економијата во Република Северна Македонија бележи контиуниран раст, задвижени се активностите во сите сектори, што резултира со значително намалување на невработеноста и зголемен притисок на пазарот на труд за покачување на просечните плати, беше одговорот на вицепремиерот Анѓушев на новинарско прашање поставено за време на прес конференцијата на која се презентираше моделот за поддршка за изградба на нови фотонапонски електрани на државно и приватно земјиште.
„Не треба да заборавиме дека Владата ја презема економијата со негативна стапка на раст од -1,7%, а од тогаш стапките на раст имаат контиуниран позитивен тренд. Во последниот квартал на 2018 година стапката на раст изнесува 3,7% и очекуваме во првиот квартал на 2019 година позитивна стапка на раст бруто домашниот производ. Бруто домашниот производ во нашата земја се генерира од градежништвото, индустријата и земјоделството, како три клучни гранки, како и од трговијата која е резултат од останатите три. Градежништвото е сериозно раздвижено, и кога станува збор за патиштата, за железницата, гасоводот, но и кај приватните инвеститори, во делот на индустриски и резиденцијални објекти. Индустријата е серизно раздвижена, во јануари 2019 година бележиме раст на индустриското производство од над 12%, а во земјоделството бележиме пораст на насадени површини, очекуваме позитивни бројки кога станува збор за раст на Бруто домашниот производ во 2019 година“, нагласи вицепремиерот.