Сопругата на еден од највисоките функционери на Владимир Путин уживала во раскошното патување во Париз каде потрошила повеќе од 84.000 долари на дизајнерски производи додека Русија фрлала бомби врз Киев, тврдат западните медиуми. Светлана Иванова, која е сопруга на заменик министерот за одбрана на Кремљ, Тимур Иванов, во март годинава отпатува во Париз и Англија за да ги види своите тинејџерски деца.
Откритието го направи Антикорупциската фондација, блиска до притворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални. Организацијата открила дека Иванова посетила бутик на Прада во француската престолнина, како и други продавници за луксузен накит, при што потрошила повеќе од 80.000 долари за време на нејзиното кратко „бегство“ од Русија.
И покрај човечката трагедија во Украина, со жртви од двете страни на борбите, сојузниците на Путин во голема мера си го вршат својот нормален секојдневен живот, забележуваат експертите.
„Дејли мејл“ пишува дека синот на Иванова, Михаил, е студент на Универзитетот Оксфорд, а нејзината ќерка живее во Франција. Нејзиниот сопруг е меѓу санкционираните од Велика Британија, ЕУ и САД, но Иванова и нејзините деца не се под исти ограничувања.
47-годишниот Тимур Иванов е заменик-министер од 2016 година, а пред тоа беше заменик началник на Московската област. Според сојузниците на Навални, семејството Иванови уживало во луксузен живот со едномесечни одмори на француската ривиера кои чинат стотици илјади долари, а имаат и неколку имоти во својата татковина.
„Властите во Русија ги означуваат луѓето кои ја напуштаат земјата како предавници, но во исто време посинокот на заменик министерот за одбрана се школува во Англија. Ова е врв на лицемерието“, смета Сергеј Ежов од антикорупциската група на Навални.
Истовремено, поранешниот руски вицепремиер и шеф на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин и лидерот на ДПР Виталиј Хоценко беа повредени во средата вечерта во ресторан во Доњецк. Во напад на украинските сили загинаа и две лица. Според Рогозин, тој бил повреден од метален фрагмент кој му влегол над десното рамо.
Рогозин во средата наполни 59 години, но ги негираше информациите дека го прославил својот роденден во хотелот каде што се случи нападот. Според него, некој објавил детали за тоа каде се наоѓал пред нападот.