Предложената изградба во Барутана треба да се разгледува и низ можноста таа да поттикне натамошно ширење на станбените објекти по падините на Водно, смета архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, советничката од „Шанса за Центар“ предупреди дека Барутана може да стане појдовна точка за продолжување на градбите на слична надморска височина, во насока кон Карпош и Кисела Вода.
Таа посочи дека притисок за градење веќе забележува во Црниче, Пржино и во делот околу Панорама.
Како проблем го издвои и приспособувањето на објектите на косиот терен, при што, според нејзините согледувања, подрумските нивоа се претвораат во станбени единици и се добиваат повеќе нивоа од очекуваните за индивидуално домување.
Филиповска Тодорчевска оцени дека густата изградба постепено ја намалува и привлечноста поради која се избираат овие локации: објектите меѓусебно си го попречуваат погледот, додека пристапот останува тежок.