Македонија

Загадениот воздух, во комбинација со вирусите ги наполни болниците

Загадениот воздух, во комбинација со вирусите ги наполни болниците

Алармантното ниво на ПМ честички во воздухот освен детските болници ги наполни и ординациите на матичните педијатри. Речиси секое дете е со иритирачка кашлица. Аерозагадувањето во комбинација со вирусите и бактериите дополнително ја усложнува работата на лекарите. Во овој период децата со астма и хронични заболувања се меѓу најчестите пациенти. Поради енормното загадување, доктор Андоновски вели до израз дојдоа и децата со алергии.

„Навистина треба да бидеме претпазливи кога станува збор за оваа група на дечиња. Нивното белодробие е доста нагризено и ослабнато и на нивното здравје влијае и оваа ситуација. Што може да се забележи, нивната клиничка слика тие имаат зачестена кашлица, појавата на температурата е само доколку дојде до примеси со некој вирус или бактерија и она што може да остави голем впечаток е иритирачка, постојана кашлица која не престанува две недели“, изјави д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар.

Загадувањето е опасно по здравјето на децата, затоа е неопходно да се престојува надвор од градските средини, на чист воздух. Препораки и за користење витамини и минерали и консумирање здрава храна.

Кога воздухот е загаден да се избегнува престој на отворено – советуваат лекарите. Ова особено важи за децата, повозрасните и хронично болните.

Доколку пак е неопходно да се излезе надвор, најдобра заштита е носењето маска. Според светското рангирање, Скопје и оваа зима е меѓу најзагадените градови.

Андријана Ѓурческа

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни