Свет

Силно невреме во Калифорнија го одзеде животот на едно дете

Силно невреме во Калифорнија го одзеде животот на едно дете

Силната бура која донесе силни ветрови и обилни дождови во американската сојузна држава Калифорнија предизвика смрт на дете и остави десетици илјади домаќинства без струја, пренесе Ројтерс.

Двегодишното дете загинало кога дрво паднало врз куќа во Оксдентал, град со околу 1.100 жители на околу 100 километри северно од Сан Франциско, објавија локалните медиуми. Надлежните не дадоа поконкретни податоци за починатото дете.

Повеќе од 180.000 домови и деловни објекти денеска останаа без струја откако силните налети во текот на ноќта урнаа столбови за струја и дрвја низ целата држава, објави американската веб-страница за прекин на електричната енергија Poweroutage.

Екипите за итни случаи во Сан Франциско ја поминаа ноќта расчистувајќи ги паднатите дрвја кои ги блокираа патиштата, а државните власти во Калифорнија го повикаа населението да се воздржи од патување за време на невремето.

Обилните дождови ги натераа властите на округот Сонома да издадат предупредувања за евакуација на луѓето што живеат покрај реката Руска, која се очекува да се спушти подоцна денеска и повторно да се излее во недела. Предупредувања за евакуација се издадени и за жителите на крајбрежните области како Санта Круз.

Таканаречената атмосферска река – тесна, речна воздушна струја во атмосферата на заситен влажен воздух што доаѓа од океанот, продолжува низ силните налети на ветерот. Поради невремето, поголемиот дел од државата е под закана од поплави и лизгање на земјиштето, забележува Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни