Свет

Грција и Турција разменија предупредувачки истрели во Егејското Море

Грција и Турција разменија предупредувачки истрели во Егејското Море

Екипажот на секачот на грчката крајбрежна стража денеска испука предупредувачки истрели за да го одврати бродот на турската крајбрежна стража што се обиде да го турне во источниот дел на Егејското Море. Ова го соопштија властите во Атина во време кога тензијата меѓу двата соседа и понатаму е висока, пренесе Асошиејтед прес.

Турската крајбрежна стража соопшти дека нејзиниот екипаж возвратил со оган и грчкиот брод бил избркан.

Во соопштението на грчката крајбрежна стража се вели дека „екипажот испукал предупредувачки истрел во безбеден сектор и бродот на турската крајбрежна стража се повлекол“ кон турскиот брег. Крајбрежната стража соопшти дека истрелите биле испукани во воздух.

Во соопштението не се споменуваат повредени или оштетувања на двата брода за време на инцидентот југоисточно од грчкиот остров Фармакониси. Според грчката крајбрежна стража, ова се случило во територијалните води на Грција.

Сепак, турската крајбрежна стража понуди поинаква верзија на настаните, велејќи дека брод на грчката крајбрежна стража ги вознемирил турските рибарски чамци во близина на турското крајбрежно летувалиште Дидим во Егејското Море, поради што турските власти испратиле брод на крајбрежната стража.

Турскиот секач го избркал грчкиот од областа, што им овозможило на турските рибарски бродови да продолжат со активностите, соопшти турската страна.

Според објавените информации, бродот на грчката крајбрежна стража отворил оган во воздух додека го напуштал подрачјето, по што турскиот брод возвратил.

Инцидентот доаѓа во време кога односите меѓу Грција и Турција, историските регионални ривали и сојузниците во НАТО со комплицирани односи, беа позатегнати од вообичаено во последните три години.

Грчката крајбрежна стража соопшти дека нејзиниот брод бил во мисија да идентификува три турски рибарски бродови во грчките води кај Фармакониси. Се наведува дека грчкиот екипаж отворил оган откако бил вознемирен од чамецот на турската крајбрежна стража, за кој во соопштението се вели дека „вршел опасни маневри со намера да удри“ во грчкиот брод.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни