Украинските сили успешно ги одбија непрестајните напади врз градот Бахмут во источниот регион Доњецк и ги држат своите позиции во блискиот град Соледар, но се во „многу тешка ситуација“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата дневна видео порака цитиран од Ројтерс.
„Бахмут се држи и покрај се. И иако поголемиот дел од градот е уништен од руските напади, нашите војници ги одбиваат постојаните обиди на руските сили да напредуваат“, рече украинскиот лидер.
„Соледар исто така се однесува, иако таму има уште поголеми разурнувања и ситуацијата е многу тешка“, додаде Зеленски.
Русија во вечерните часови објави дека две термоелектрани биле оштетени во ракетен напад на украинската армија. Погодени се електраните во Зугрес и Нови свет, а има повредени меѓу луѓето кои работат таму, објавија властите во Телеграм. Телата на две жени беа извадени од под урнатините на делот од електраната Старобешев во Нови свет кој беше погоден од ударот.
Киев никогаш отворено не ја презеде одговорноста за нападите во Русија или на територијата во Украина под контрола на Русија.
Во меѓувреме, властите во областа Луганск во источна Украина, која е под руска контрола, соопштија дека експлодирал гасовод во Луганск и дека тоа е дело на диверзанти. Експлозијата на место каде што минува гасоводот во реонот на река предизвика прекин на снабдувањето за 13.315 луѓе во девет градови и села. Температурите се ниски во погодената област.