Свет

Поддржувачите на Болсонаро упаднаа во зградите на бразилскиот конгрес, Врховниот суд и претседателската палата

Поддржувачите на Болсонаро упаднаа во зградите на бразилскиот конгрес, Врховниот суд и претседателската палата

Поддржувачите на екстремно десничарскиот екс-претседател Жаир Болсонаро денеска ги нападнаа зградите на Бразилскиот национален конгрес, Врховниот федерален суд и претседателската палата Планалто, пренесоа светските агенции.

Како и упадот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, неколку илјади приврзаници на Болсонаро упаднаа во трите згради само една недела по инаугурацијата на новиот левичарски претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва.

Демонстрантите успеаја да ги пробијат безбедносните кордони, влегоа во зградите, кршејќи им ги прозорците и почнаа да вандализираат внатре.

Снимката на Глобо Њуз покажува толпи поддржувачи на Болсонаро, многумина со бразилски знамиња, како упаднаа во зградата на Конгресот и го кршат мебелот внатре. Локалните медиуми објавија дека бројот на демонстрантите бил околу 3.000.

Малиот број обезбедувачи на административните згради, кои беа испразнети во неделата, не можеа ефективно да се спротивстават на насилните толпи. Многу од поддржувачите на Болсонаро ја оспоруваат изборната победа на Лула да Силва во вториот круг од претседателските избори на 30 октомври.

Самиот Лула да Силва моментално е надвор од главниот град – во градот Сао Паоло, каде што отиде да го посети викендот.

На социјалните мрежи може да се видат видеа на кои се гледаат оштетени канцеларии на парламентарци или демонстранти како стојат на седиштата во салата на Сенатот.

Штетата се чини дека е голема во овие згради, кои се дела од модерна архитектура и се исполнети со уметнички дела, рече АФП.

Областа во близина на Плоштадот на трите сили, каде што се состануваат претседателската палата Планалто, Врховниот суд и Конгресот, беше опколена од властите, но приврзаниците на Болсонаро успеаја да ги пробијат безбедносните кордони.

Полицијата, која делуваше целосно неподготвена, залудно се обидуваше да ги одбие со солзавец.

„Овој апсурден обид да се наметне волја со сила нема да победи. Владата на Федералниот округ (Бразил) ќе испрати засилување и силите што ги имаме веќе се во акција“, напиша на Твитер министерот за правда и јавна безбедност Флавио Дино.

Министерот вчера одобри распоредување на офицери од Националните сили, специјални полициски сили кои понекогаш се распоредуваат во различни држави во случај на загрозување на редот и законот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни