Романија се соочува со две здравствени кризи во исто време – грип и коронавирус, јавува денеска ТВ Диги 24, истакнувајќи дека веќе има пациенти кај кои се потврдени двете болести, а овие случаи се познати под името „флурона“.
Телевизијата потсетува дека терминот „флурон“ на почетокот на 2022 година го користеле здравствените работници за да го опишат првиот случај на истовремена инфекција од сезонски грип и Ковид-19.
Каталин Апостолеску, менаџер на Институтот за заразни болести „Матеј Балш“ во Букурешт, изјави за Диги 24 дека во Институтот има пациенти со различни комбинирани инфекции – ковид со грип, ковид со аденовирус, ковид со респираторен синцицијален вирус.
„Не се регистрирани толку тешки случаи што би ги загрозиле животите на пациентите. Од медицинска гледна точка не е ништо извонредно, пациентот зема антивирусни препарати за секоја ситуација посебно“, објасни Апостолеску.
Превентивно од инфекции тој ги советува луѓето редовно да ги проветруваат просториите, а доколку се појават симптоми да се обратат кај матичниот лекар во првите 24 часа. Тој, исто така, препорача да се направи тест за грип или брз тест за Ковид-19 во првите 48 часа од почетокот на симптомите.