Поранешниот британски премиер Борис Џонсон тврди дека Владимир Путин му рекол: „Не сакам да те повредам, но со проектил, тоа ќе потрае само една минута“, во разговор пред руската инвазија на Украина, јави ДПА.
Џонсон рече дека „вонредниот“ разговор се случил во февруари минатата година, откако тој го посети Киев во последниот обид да ја покаже поддршката на Западот за Украина во услови на зголемени стравувања од руски напад.
Џонсон, кој стана гласен поддржувач на администрацијата на Володимир Зеленски во месеците по руската инвазија, го искажа ова тврдење во новата серија од три дела на Би-Би-Си во која се гледа како Западот се борел против Путин во годините пред војната во Украина.
Поранешниот британски премиер, кој беше принуден да излезе од Даунинг стрит 10 во септември, го посети Киев на почетокот на февруари за да ја предупреди Русија дека инвазијата ќе се покаже како катастрофална.
Џонсон потсетува дека го предупредил Путин дека ќе има построги западни санкции доколку нареди инвазија на Украина.
Тој додаде дека му рекол на рускиот лидер дека ескалацијата само ќе доведе до зголемување на поддршката на Западот за Украина, што значи „повеќе НАТО, а не помалку НАТО“ на границите на Русија.
„Тој рече: „Борис, велиш дека Украина нема наскоро да се приклучи на НАТО. Што има наскоро?“, а јас одговорив: „Па, таа нема да влезе во НАТО во догледна иднина. Вие многу добро го знаете тоа“, рече Џонсон за разговорот со Путин.
„Во еден момент ми се закани и ми рече: „Борис, не сакам да те повредам, но со проектил ќе потрае само една минута“ или нешто слично“, рече Џонсон.
„Мислам дека од многу смирениот тон што го усвои, изгледаше дека тој само си поигрува со моите обиди да го натерам да преговара.
Секретарот за одбрана Бен Валас, исто така, во понеделникот вечерта на средбата Путин против Запад зборуваше за неговото патување во Москва во февруари, кога се обиде да направи пробив и да спречи војна.
Тој се сеќава дека разговарал со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, како и со началникот на Генералштабот Валериј Герасимов.
„И се сеќавам дека му реков на министерот Шојгу: „тие ќе се борат“, а тој рече: „Мајка ми е Украинка, тие нема да се борат!“ Тој исто така рече дека нема намера да изврши инвазија, рече Валас .