„Се колнам дека должноста претседател ќе ја извршувам одговорно, чесно, совесно, правично и непристрасно, согласно уставот и законот на Црна Гора“, се зборовите на заклетвата со која денеска ја презеде функцијата новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ.
На инаугурацијата присуствуваа повеќето лидери на соседните земји, меѓу кои и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои застанаа во првиот ред еден до друг.
Дојдоа и членовите на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи и премиерот на Албанија Бајрам Бегај. На свеченоста присуствуваше и поранешниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.
„Историски момент“
Во проевропскиот говор Милатовиќ рече дека ја презема функцијата во историски момент, најавувајќи дека ќе биде генератор на дијалог за постигнување консензус и забрзување на европскиот пат на Црна Гора.
„Мојата мисија е Црна Гора со еднакви можности за сите граѓани, во која напорната работа и образованието се главни фактори за успех во животот… Ќе бидам кохезивен фактор во заедничката борба за подобра Црна Гора. Градењето демократски институции е на сите задача“, рече тој.
Кој е Милатовиќ?
Милатовиќ беше избран за петгодишен мандат на почетокот на април, кога доминантно го победи Ѓукановиќ во вториот круг од претседателските избори. Од обновувањето на независноста на 21 мај 2006 година, функцијата претседател на Црна Гора ја имаат Филип Вујановиќ, кој беше избран во 2008 и 2013 година, и Ѓукановиќ, кој го доби мандатот во 2018 година.
Милатовиќ беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, првата влада формирана по парламентарните избори во 2020 година.. кога Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ беше поразена по триесет години на власт.
Откако таа влада го загуби мнозинството, Милатовиќ ја основа партијата Движење Европа сега, која според анкетите има најголема поддршка од гласачите и е најверојатниот победник на следните парламентарни избори на 11 јуни.