Повторно тензија меѓу Белград и Приштина. Српскиот претседател Александар Вучиќ го подигна нивото на подготвеност на својата армија и испрати воени единици во близина на границата со Косово. Ова се случи по вчерашните судири во градот Звечан во Косово, со претежно етнички Срби.
Локалните жители се обидоа да ја спречат инаугурацијата на новиот градоначалник – етнички Албанец. Полесно повредени се 10 граѓани и 5 полицајци.
Ова дојде откако српските партии ги бојкотираа локалните избори во Косово минатиот месец во знак на протест поради недостатокот на автономија.
Приштина го обвини Белград за вчерашните немири. А Вашингтон, Лондон, Париз, Рим и Берлин повикаа на деескалација и изразија тревога од активирањето на српската војска.
Во ваква позадина, Александар Вучиќ вчера објави дека се повлекува од раководството на неговата Српска напредна партија, но не прецизираше кој ќе го наследи.