Поминаа дваесет и кусур години од воениот конфликт со паравоената ОНА во земјава. Ако сакаше власта досега да направи споменици на загинатите војници, полицајци и резервисти на Карпалак, Вејце и Љуботенски бачила, ќе направеше. Та СДСМ, та ВМРО-ДПМНЕ. Особено онаа од ВМРО-ДПМНЕ што пред десет години без процедури, без почитување никакви закони, најде начин како да истури дестици и десетици споменици, речиси преку ноќ, низ центарот на Скопје. А оваа од СДСМ па уште и се расправа со еден градоначалник на Желино кој им игра мајтап – не било во негова надлежност да одобрува проект за споменик кај Карпалак, пишува Горан Михајловски во својата нова колумна „Сакам да кажам“.
Да видиш дали немаше да добие дозвола некој од омилените градежни инвеститори на власта ако посакаше баш на Карпалак да изгради мало објектче со стотина станови и едно трговско центарче. Можеше само како општествено одговорна компанија да вети дека ќе донира спомен-обележје на загинатите резервисти во 2001. Е тогаш веќе ќе беше она Заевото: „Не може да биде: Не! Мора да биде: Да! Одма ќе направеа пренамена на плацот, ќе дооформеа парцела со евтина продажба на државно земјиште, ќе сменеа услови за градба… Да видиш како тогаш ниту градоначалник ќе се правеше ненадлежен, ниту советниците ќе имаат нешто против, а богами ни Владата не ќе мораше да се прави недоветна ко сега – еве ние сакаме да дигнеме споменик, ама ДУИ не ни дава.
Впрочем, зошто Владата не побара дозвола за градба на споменик кај Карпалак од истата институција што ја издаде дозволата за споменикот на УЧК во Слупчане? Зошто не ангажираат некој консултант од Слупчане, тој да им ја истурка процедурата со дозвола за споменик и во Општина Желино на ист начин како што таму ја истуркале дозволата за споменикот на УЧК висок 20 метри? Се уверивме во нивната експертиза и умешност за преговарање на начинот како беше решена слупчанската буна против ЕВН.
Норвешка на почетокот на 1990-тите посредуваше во мировните преговори помеѓу Израел и Ослободителната армија на Палестина, па во Осло се потпиша договор за почеток на мировен процес помеѓу Израел и Палестина. Ама, Норвешка допрва треба да јаде уште многу сомуни леб за да го достигне успехот на слупчанските преговори. Израел и Палестина уште не живеат во мир, а Слупчане и ЕВН постигнаа мир кој е крунисан со уникатен договор, како што не постигнал никој досега: Секој да плаќа струја колку што потрошил.