Македонија

Во предвечерието на стартот на уставните измени, средба Ковачевски-Агелер: Пред нас се тешки одлуки

Во предвечерието на стартот на уставните измени, средба Ковачевски-Агелер: Пред нас се тешки одлуки

На помалку од 24 часа од одржувањето на пленарната седница на која треба да се гласа потребата за уставни измени со 80 пратеници, во Владата попладнево се одржала средба меѓу амбасадорката на САД во земјава и премиерот.

„Разговаравме за поддршката од нашиот стратешки партнер САД за европскиот пат на земјата и следните чекори, која е постојана и силна. Пред нас се храбри и тешки одлуки, сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Опозицијата пак вечерва повторно преку ТВ емисии потсетува дека нема утре да гласаат за уставни измени, но не го откриваат планот како ќе постапат.

„Власта знае дека го нема потребното мнозинство и најмалку што очекувам е утрешниот ден да го остави ако може така да се изразам да триумфира ВМРО-ДПМНЕ односно конечно да се покаже и докаже дека власта ги нема оние 80 пратеници за кои наназад можеби и повеќе од една година ја замараше јавноста па дури и вперуваше прст или рака во поединци од нашата пратеничка група не знам кој ќе гласал за уставни измени, кој бил проевропски и така натаму.Утре е мислам вториот ден за соочување со реалноста, бидејќи првиот  се случи на 24 јули пред да се оди на годишни одмори кога се одвиваше Комисијата за уставни прашања каде нашите членови на таа комисија, меѓу нив бев и јас гласавме против пристапување да се оди кон промена на Уставот и со тоа јавно за прв пат на дело го покажавме нашиот континуиран и непроменет став, така да утре е денот кога повторно имаме можност  истото да го докажеме и покажеме, рече Дафина Стојаноска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот пратеник во Собранието, Илија Димовски пред утрешната седница за уставните измени во Собранието, вели дека Владатата ги надминала своите ингеренции, го прекршила Уставот и мора да сноси одговорност бидејќи со обврската за уставни измени презела нешто што не е во нејзина надлежност.

„Владата не смее да врши политички притисок врз Собранието. Владата немаше право надвор од своите ингеренции да прифати обврска за промена на Уставот. Тоа не е во нејзина надлежност. Тоа е во исклучива и единствена надлежност на Собранието на Република Македонија. Тоа е исто како вие да продавате имот на вашиот комшија, а комшијата не ви дал никакво полномошно за тоа“, вели Димовски.

Уставните амандмани треба веднаш да се стават на гласање. Ако не поминат, Собранието треба да се распушти. Ова беше повикот што заеднички го упатија трите опозициски партии наречени опозициски блок, Алтернатива, Движење Беса и Демократско движење. Тие бараат од претседателот на Собранието Талат Џафери да ги стави на дневен ред амандманите за бришење на 20 отсто за албанскиот јазик од Уставот, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција.

-Бараме претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од измена на Уставот, за да ја поминеме првата фаза од уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на овие измени. После тоа, го повикуваме да не се крие зад неосновани оправдувања, туку да ги стави во процедура амандманите за отстранување на навредливото име „20%“ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција-рече Гаши.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни