Германската влада денеска одобри предлог-закон со кој на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица ќе им се олесни промената на името и полот во нивните лични документи.
Од Министерството за правда изјавија дека целта на законот е да им го олесни животот на мала група луѓе, за кои тоа е многу важна работа.
Ова е само една од реформите наведени во коалицискиот договор од тричлената владина коалиција на социјалдемократската СПД, Зелените и либералната ФДП.
Предлог-законот, на кој се работеше повеќе од една година, беше цел на жестоки критики од конзервативните опозициски партии, пред се екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и демохристијанските ЦДУ и ЦСУ.
За да стапи во сила, законот треба да го одобри парламентот – Бундестагот, каде владејачката коалиција има мнозинство.
Според овој иден закон за „самоопределување“, полнолетните лица ќе можат да го менуваат своето име и пол во матичните книги без никакви посебни формалности. Единствен услов е да ја известат матично три месеци однапред.
Постојниот германски закон за транссексуални лица, кој е веќе 40 години, бара од граѓаните кои сакаат да го променат полот во личните документи да го приложат мислењето на двајца експерти „кои се доволно запознаени со прашањето за транссексуалноста“, и потоа да приложи судски налог.решението.
Со текот на годините, Врховниот суд укина голем број други одредби кои, на пример, бараа трансродовите лица да се разведат и да бидат стерилизирани или да се подложат на операција за промена на полот.
„Замислете дека… вие само сакате да го живеете својот живот и никому не му посакувате зло, а потоа тој ве прашува кои се вашите сексуални фантазии, каква долна облека носите и слични работи. За луѓето кои поминаа низ тоа, тоа испрашување беше многу понижувачки“, изјави министерот за правда Марко Бушман за јавната телевизија ЗДФ.
Предложениот закон се занимава исклучиво со правниот аспект на идентитетот и не ги менува правилата за операции за промена на полот.
Новите правила ќе им овозможат и на малолетниците постари од 14 години да го менуваат своето име и пол со одобрение на нивните родители или старатели. Доколку не се согласат, малолетникот има право одобрението да му се издаде пред судот.
За деца под 14-годишна возраст, родителите или старателите ќе можат да поднесат такво барање во нивно име.
Запрашан за критиките дека младите можат да донесат избрзани одлуки, Бушман рече дека „тој е цврсто убеден дека огромното мнозинство родители многу сериозно и внимателно ќе си го постават прашањето „што е најдобро за моето дете““.
Кога ќе стапат на сила условите за промена на името и полот, во рок од една година нема да биде можна нова промена.
Според новиот закон, операторите на некои јавни места, како што се гимназиите, теретаните или женските соблекувални, сепак ќе имаат право да одлучуваат кој има пристап, прецизира Бушман. Тој додаде дека искуството на другите земји покажува дека тоа по правило не е проблем во пракса.
„Сепак, го решивме на таков начин да им излеземе во пресрет на оние кои изразија загриженост“, рече министерот.
Шпанскиот парламент во февруари усвои закон со кој им се дозволува на лицата постари од 16 години да го менуваат полот без медицински надзор. Во Велика Британија, Шкотска донесе закон со кој на граѓаните ќе им се овозможи да го сменат полот на документите за идентификација со едноставно изјавување, но британската влада стави вето.