Балкан

Недвижности во Хрватска на тенок мраз: Цените скокаат, понудата е ретка, а бројот на работници се намалува

Недвижности во Хрватска на тенок мраз: Цените скокаат, понудата е ретка, а бројот на работници се намалува

Вртоглавите цени на недвижностите во огласите, повисоките камати и скокот на цената на градежните материјали, како и хроничниот недостаток на квалификувани занаетчии, за многумина поставуваат дилема: купувањето на недвижности да се финансира со банкарски заем или да се впушти во градежна авантура.

Цените на станбените недвижности во Хрватска се зголемени за два отсто во првите три месеци од годинава во однос на крајот на декември минатата година. Споредено со истиот период лани, првиот квартал донесе скок на цените за цели 14 отсто, според кои Хрватска е „рекордер“ во ЕУ, пишува Пословни.хр.

Состојбата на пазарот на недвижности веќе подолго време ги „полни колоните“ во медиумите, бидејќи цените растат под притисокот на слабата понуда и силната домашна и странска побарувачка, што во голема мера беше поттикнато од комбинацијата на инфлацијата и воведувањето на еврото.

На ваквите околности барем засега не им се гледа јасен крај, иако на сите им е јасно дека цените не можат до недоглед да растат. Сепак, најновите достапни статистички податоци укажуваат на континуиран раст на притисоците на пазарот.

Цените на новите станбени недвижности на крајот на март, во однос на крајот на 2022 година, се во просек повисоки за 0,9 отсто, а на годишно ниво за 7,7 отсто.

Предходно изградените згради имаа уште побрз пораст на цените – 2,2 отсто на квартална основа, а дури 15 отсто на годишно ниво, што е директна последица на ограничената понуда на расположливи станови и куќи.

Дополнително на сето тоа, „затегнувањето“ на монетарната политика во Европа – преку скок на каматните стапки – на крајот почна да се прелева и на веќе „прегреаниот“ пазар на недвижности. Иако за една година скокот на просечните цени во Загреб достигна 14,7 отсто, на тримесечно ниво имаше корекција од 0,3 отсто.

На јадранското крајбрежје, каде побарувачката од странските купувачи е доминантен фактор, продолжи трендот на пораст на цените: 3,6 отсто на квартално и 13,2 отсто на годишно ниво.

Во станбениот бум пред големата финансиска криза од 2009 година, годишно на пазарот излегуваа околу 9.000 станови во Загреб, а денес таа бројка е најмалку три пати помала.

Зошто тогаш веќе не се гради? Експертите велат дека тоа е последица на тоа што пазарот е оставен исклучиво на капиталот кој го бара својот краткорочен интерес во отсуство на смислена станбена политика.

Макроекономското опкружување, односно повисоките каматни стапки, е важен фактор во сè. Исто така, граѓаните ширум светот, вклучително и во Хрватска, се потешко добиваат заеми.

Треба да се има предвид и дека Европската централна банка во меѓувреме продолжи да „затегнува“ и кон средината на септември ја подигна основната депозитна стапка на 4 отсто.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни