Модната креаторка Ивана Кнез на социјалните мрежи откри дека нејзиниот дом за малку ќе бил зафатен од пожар кој се проширил во близина на нејзината куќа. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите од Драчево и Зелениково, како и на полициските служби и соседите, куќите биле спасени, иако дел од соседната парцела изгорел.
„Да не беше Стојанче Ангелов и брзите реакции на пожарните екипи од Драчево и Зелениково, како и брзата реакција на полицијата, јас ќе останев без дом. Во прашање беа 20 секунди, на цела наша среќа имаме људини во земјава, цело маало се собра за неверојатно кратко време и иако соседниот плац повеќе од половина изгоре, успеавме да ги спасиме куќите“, напиша Кнез на Фејсбук.
Таа додаде дека засега не е познато од што е предизвикан пожарот. „Пострашно нешто немам видено никогаш, но на цела среќа заради луѓе ние сè уште имаме кров над глава“, напиша таа.
Кнез јавно им се заблагодари на сите кои помогнале во гаснењето: „До сите што бевте овде, ако го читате ова – ОГРОМНО БЛАГОДАРАМ со цело мое срце што истрчавте директно во оган. Колку и да некогаш негодувам, луѓето се причината што ја сакам земјава и останав овде. И после вечерва не ми е криво што сум тука.“
Таа наведе и дека фотографијата од настанот ѝ е испратена.