Кремљ планира прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин со прашања од обичните граѓани на 14 декември, објави Ројтерс, повикувајќи се на денешните информации на рускиот медиум РБЦ.
РБЦ се повикува на извори кои побарале да останат анонимни.
Предвидено е настанот да се пренесува на телевизија.
Путин, кој сè уште ја нема објавено својата кандидатура за претседателските избори во март следната година, одржа голема прес-конференција и учествуваше во формат за прашања и одговори секоја година, традиционално два одделни настани. Сепак, ниту еден формат не беше организиран минатата година откако руските сили ја нападнаа Украина, забележува Ројтерс.
Владимир Путин денеска се сретна со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов за да разговараат со нив за текот на војната во Украина, пренесе Ројтерс.
На снимката објавена од Кремљ се гледа како Путин разговара со Шојгу, Герасимов и генералот Сергеј Рудској, началникот на Главната оперативна управа на Генералштабот на руските вооружени сили, во седиштето на Јужниот воен округ на вооружените сили, лоциран во Ростов- на-Дон.
„По завршувањето на официјалната посета на Астана, Владимир Путин со авион пристигна во Ростов, каде го посети штабот на Јужниот воен округ“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„На врховниот командант му беа покажани нови модели на воена опрема. Шефот на државата ги слушаше извештаите за напредокот на специјалната воена операција“, се вели во соопштението на Кремљ.
Путин го посети штабот на Јужниот воен округ и минатиот месец, потсетува Ројтерс.