Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја посети Германија следниот петок, соопшти германската влада по неколкунеделни шпекулации, јави ДПА.
Ердоган ќе се сретне со канцеларот Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, соопшти денеска во Берлин заменик владиниот портпарол Кристијане Хофман.
Со недели се шпекулираше за посетата, вклучително и дали Ердоган ќе присуствува на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу Германија и Турција на 18 ноември.
Засега нема официјална потврда од турска страна, забележува ДПА.
Ова ќе биде прва посета на Ердоган на Германија од 2020 година. Во Германија живеат околу 3 милиони луѓе со турско потекло.
Разговорите меѓу двајцата лидери најверојатно ќе бидат тензични за прашањето за војната во Газа, наведува агенцијата. Ердоган е отворен критичар на Израел и го осуди тековното бомбардирање на Газа од почетокот на конфликтот со Хамас на 7 октомври.
Германските лидери, пак, велат дека Германија има посебна одговорност за судбината на Евреите и безбедноста на Израел по холокаустот во Втората светска војна.