ПОЛСКА во саботата продолжи со потрагата по делови од веројатно руска ракета што го наруши нејзиниот воздушен простор во петокот наутро, соопшти полската војска.
„Ве информираме дека на 30 декември… во Лублинското војводство ќе се изврши копнена потрага по евентуални остатоци од објектот што вчера го наруши полскиот воздушен простор“, соопшти оперативната команда на полската армија на Х. „Целта на потрагата е дефинитивно да се потврди дека ниту еден елемент од објектот не останал на полска територија.
Полските воени претставници во петокот изјавија дека објектот го напуштил полскиот воздушен простор во рок од три минути по влегувањето од правец на полската граница со Украина. „Украинската страна и сојузниците ги потврдија нашите радарски податоци дека објектот ја напуштил полската територија“, изјави портпаролот на командата за Ројтерс.
Речиси 480 војници од територијалната одбрана учествуваат во потрагата во близина на градот Замошч во југоисточна Полска, според командата. Полското Министерство за надворешни работи во петокот вечерта го повика рускиот вршител на должност, барајќи објаснување за нарушувањето на полскиот воздушен простор со наведувана ракета.