Белата куќа соопшти дека првата дама на САД, Меланија Трамп, успеала да посредува за постигнување примирје меѓу Русија и Украина, ограничено на украинскиот град Олешки, каде што илјадници цивили живеат во тешки хуманитарни услови.
Според соопштението, двете страни се согласиле привремено да ги прекинат сите воени дејствија во градот, со цел да се овозможи влез на хуманитарна помош и да се подготви евакуација на цивилното население преку посебно определен безбеден коридор. Договорот треба да стапи во сила на 29 октомври.
ГРАД ВО РУИНИ, ЦИВИЛИ НА РАБОТ НА ПРЕЖИВУВАЊЕ
Олешки се наоѓа на украинската страна на реката Днепар, на територија под руска окупација, спроти градот Херсон. Откако руските сили го зазедоа во 2022 година, градот претрпе огромни разурнувања и остана отсечен од надворешниот свет.
И покрај тешките услови, во Олешки сè уште живеат илјадници цивили, меѓу кои и деца. Според сведоштва на жители, населението се соочува со недостиг од електрична енергија, вода за пиење и редовно снабдување со храна.
Состојбата е толку алармантна што, според сведоштвата пренесени од британскиот Sky News, дел од жителите се принудени да варат трева за да преживеат.
ПОТРЕСНИ СВЕДОШТВА ОД ГРАДОТ
Поради ограничувањата за независните медиуми, пристапот до Олешки е исклучително тежок. Сепак, главниот дописник на Sky News, Стјуарт Рамзи, подготвил специјален извештај во кој се откриваат потресни детали за секојдневниот живот на преостанатите жители.
Извештајот содржи ексклузивни снимки од дрон, кои ги покажуваат размерите на уништувањето, како и ретко емотивно интервју со жител на градот.
Најавеното примирје, доколку биде спроведено, би можело да овозможи пристигнување на неопходната помош и безбедно извлекување на цивилите од едно од најтешко погодените подрачја.
Договорот е најавен за 29 октомври, а останува да се види дали прекинот на огнот ќе биде почитуван и дали хуманитарната операција ќе успее да стигне до луѓето на кои помошта им е најпотребна.