Во Собрание пристигна предлогот за разрешување на министрите од Алијанса.
Според информациите, материјалот од Влада е примен и службите го разгледуваат по што ќе биде доставен до сите пратеници.
„За предлогот за разрешување на министерот за здравство и на министерот за информатичко општество и администрација ќе се расправа на првата наредна седница на Собранието, односно утре, петок 9.02.2024“, велат од Собранието.
Претходно, премиерот Талат Џафери достави допис до претседателот на Собранието Јован Митрески, во којшто, согласно член 94, став 2 од Уставот, предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши: Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација, соопшти владината прес-служба.
Џафери, како што се наведува во соопштението, доставил и допис до Митрески, согласно наведениот член од Уставот, Собранието да ги избере: Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.
Барањето за смена на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозоција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај АА треба да настапува самостојно.