Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ задоцни на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев во Подгорица, по што целата бугарска делегација ја напушти владината зграда!
Средбата била планирана за 17 часот, бугарскиот претседател кој е во официјална посета на Црна Гора пристигнал навреме, но по четири минути чекање ја напуштил зградата на Владата во Подгорица.
– Со Амбасадата на Бугарија е договорено средбата да се одржи во приемната сала во владината зграда во 17 часот, бидејќи премиерот Милојко Спајиќ имал голема желба да се сретне со претседателот Радев и покрај неговиот напорен распоред. Претходната средба на премиерот со најголемата туристичка компанија ТУИ траела три минути подолго од планираното, а делегацијата на бугарскиот претседател по четири минути чекање ја напуштила владината зграда – велат од Владата за „Вијести“.
Од Владата дополнително појаснија дека средбата требало да се одржи во истиот салон во кој се одржала средбата со претставниците на германската компанија и дека Спајиќ доцнел бидејќи просторот требало да се подготви за нова средба.
Румен Радев денеска во Цетиње се сретна со претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, а потоа во Подгорица со претседателот на Собранието Андрија Мандиќ.
Претседателот на Бугарија, која е членка на ЕУ, синоќа дојде во Црна Гора и според протоколот на аеродромот со државни почести беше пречекан од вицепремиерот Алекса Бечиќ.
Бугарскиот претседател вечерва треба да присуствува на гала вечерата што во негова чест ја организира Милатовиќ.