Комедијата „Вонземјани“ утревечер ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ), носејќи приказна која преку хумор и сатира отвора сериозни прашања за современото општество, семејните односи и изгубените човечки вредности. Се планира претставата да гостува и на фестивали и културни настани низ земјава.
Претставата претставува необична комбинација од различни комични стилови и жанрови, во која се испреплетуваат општествените стереотипи, влијанието на современите технологии и промените што тие ги предизвикуваат во секојдневниот живот.
Преку низа комични ситуации, делото ја преиспитува човечноста во време кога љубовта, солидарноста и сочувството сè почесто се потиснуваат. Наместо да понуди готови одговори, претставата ја поттикнува публиката самата да размисли за вредностите што постепено се губат.
Главната улога ја толкува актерот Нино Леви, кој со оваа претстава одбележува 40 години актерска работа. Тој открива дека со текстот се запознал пред околу три години, кога авторот Игор Козмановски му понудил неколку свои дела.
„Искрено, ми понуди уште два текста негови. Сите три ми се допаднаа. Овој некако и не толку. Арно ама, благодарение на Васил Михајлов, кој го прочита истовремено текстот, после некое време се најдовме и тој ми вели: ‘Абе ти си создаден за таа улога, главната улога’“, раскажува Леви.
Според актерот, иако станува збор за комедија, темите што се обработуваат се исклучително сериозни и блиски до секојдневието.
„Многу слабости во нашето општество, како тие се рефлектираат врз семејството како една основна заедница на општеството. И преку тие комични ситуации, всушност многу сериозни теми се задираат“, вели Леви.
Во претставата се отвораат и прашања за личниот идентитет, одговорноста на поединецот и неговата подготвеност да придонесе за промени во општеството. Еден од мотивите е токму противречноста меѓу незадоволството од состојбите и неподготвеноста да се преземе конкретна акција.
„Сите теми се длабоки и значајни, а се изнесени со еден преубав хумор“, додава Леви.
Со спојот на сатирата, општествената критика и комичните ситуации, „Вонземјани“ настојува да ја насмее публиката, но и да ја поттикне да се запраша дали современиот човек, во трката со технологијата и промените, постепено ја губи сопствената човечност.