Денес министерот за здравство Арбен Таравари рече дека Хируршките сали во Клиничкиот центар ќе функционираат со надворешни компресори и со намален интензитет до декември и очекува дека дотогаш целосно ќе заврши процедурата за нова компресорска станица по нов оглас, кој ќе го распише Министерството за здравство по неуспешниот тендер на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар – Скопје.
„На последната седница на Владата помина информацијата обврската за набавка на компресорската станица во Клиничкиот центар да ја преземе Министерството за здравство. Се надевам што побргу да почне процедурата. Ќе одиме преку јавна набавка, да биде транспарентно. Очекувам тоа да заврши за три-четири месеци. Со надворешни компресори во Клиничкиот центар ќе се работи до ноември или декември додека се постави нова компресорска станица. До тогаш ќе направиме уште едно усогласување со ’8 Септември‘ и со ’Св. Наум Охридски‘ одредени потешки случаи, за кои нема услови, да се сработат во овие две болници, кои и досега работат добро, но можеби ќе побараме малку поголем ангажман од нив“, рече министерот Таравари.
Ако и на овој тендер нема заинтересирани, министерот Таравари најави дека компанијата што ќе ја набави, ќе ја монтира и ќе ја пушти во употреба новата компресорска станица ќе ја избере преку директен договор.