Македонија

Контроверзии околу формирање на Албанска академија на науките и уметностите

Контроверзии околу формирање на Албанска академија на науките и уметностите

Коалицијата „Вреди“ најави започнување постапка за формирање на Албанска академија на науките и уметностите. Лидерите на „Вреди“ планираат општинско финансирање како привремено решение, додека не се донесе закон кој ќе го регулира ова прашање.

„Државата ќе има подобра перспектива со што е можно повеќе академици и научници. Реторичко прашање ќе поставам, зошто во МАНУ нема ниту еден вработен Албанец? 2024 година, дали втората заедница нема луѓе за во МАНУ? Ова е предизвик, отвораме прашање и заедно треба да најдеме решение“, изјави вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити.

Академик Владо Камбовски, во разговор за ТВ 24, изрази несогласување со идејата за две национални академии во една држава. „Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите“, изјави Камбовски.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата. „МАНУ е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Движењето „Знам“ изрази став дека науката не смее да се политизира ниту етницира. „Науката има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите“, изјави претседателот на „Знам“, Максим Димитриевски.

ДУИ реагираше дека општинската „академија“ ќе ги срами интелектуалците и нацијата. „Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и уметност, да создадат простор за повеќе академици, тие дојдоа до ‘големата општинска идеја’ што уште повеќе ги понижува Албанците“, коментираа од ДУИ.

СДСМ не дадоа изјава по ова прашање, додека експертската фела нагласи дека науката и уметностите се универзални категории и немаат етничко, туку вредносно значење, и научните сознанија се ценат според нивната научна тежина на светско ниво.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни