Македонија

Костадиновски ги образложи аргументите за укинување на „Балансерoт”

Костадиновски ги образложи аргументите за укинување на „Балансерoт”

Претседателот на Уставниот суд, д-р  Дарко Костадиновски како судија-известител на прес конференција ги образложи аргументите на Судот по предметот У.бр.90/2024.

Денеска Уставниот суд одлучи да укине одредби од Законоите за јавен сектор и за јавна администрација, како и подзаконски акти со кои се операционализира темелната вредност соодветна и правична застапеност.

Во конкретниот случај со оспорените законски и подзаконски одредби, неспорно е дека законодавецот ја операционализирал темелната вредност на нашиот уставен поредок соодветната и правична застапеност. Оваа темелна вредност во нашиот уставен поредок е воведена во 2001 година. Станува збор за интервенција во Уставот која е резултат на неопходноста која произлегла од општествената и уставната реалност во тој временски момент. 

Но, исто така, неспорно е дека операционализацијата на оваа темелна вредност по својата суштина и природа претставува она што и во теоријата и во практиката се нарекува афирмативна акција, односно мерка која по својата природа предвидува позитивна дискриминација. Афирмативната акција (или позитивна дискриминација) претставува оправдано отстапување од основниот принцип на формална еднаквост утврдена како уставна гаранција. Таа претставува мерка со која ќе се забрза остварувањето на рамноправноста меѓу припадниците на одредени заедници со мнозинската заедница. Меѓутоа, секоја афирмативна акција и мерка во своето битие поседуваат две клучни карактеристики.

Првата карактеристика се однесува на нивниот временски односно темпорален карактер, односно по постигнувањето на нејзината легитимна цел во одреден временски период истата се исцрпува во нејзината примена. 

Втората е што всушност дека недвосмислено таа претставува дискриминација и повреда на начелото на еднаквост. Ако се имаат во вид ваквата природа и ваквите карактеристики на афирмативната акција, јасно е дека временскиот карактер на мерката се исцрпува во моментот кога истата ја постигнува својата легитимна цел, што е круцијален момент кој треба да биде препознаен во општествената и уставната реалност во кои таа егзистира. Во тој момент кога афирмативната акција ќе ја постигне и исцрпи целта на своето постоење, од тој момент таа ја губи својата смисла и се судира со останатите темелни вредности на уставниот поредок, и сериозно почнува да ги загрозува основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот(слободно изразување на националната припадност, владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните, уставната гаранција според која секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како и почитувањето и заштитата на приватноста, достоинството и угледот на секој граѓанин).

(На ваквата уставно-судска оцена упатува и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства усвоена од Комитетот на министрите на Советот на Европа. Во членот 4 од Конвенцијата за заштита на малцинствата предвидува дека усвојувањето на „посебни, привремени мерки“ од страна на државите членки што има за цел да се забрза остварувањето на рамноправноста меѓу припадниците на националното малцинство и припадниците на националното мнозинство, прво имаат времен карактер, бидејќи се уредени како „привремени а не трајни мерки”, и второ, истите  не се сметаат за дискриминација, но не смее на кој и да било начин да имаат за последица нееднакви или различни мерила, а овие мерки „ќе престанат да важат кога ќе се оствари целта“ на сите да им се дадат еднакви можности и третман, односно се предвидува да бидат исцрпени во примената). 

Вториот круцијален аргумент за одлуката на Судот беше нашата одлука во предметот У.бр.92/2023 од 28.02.2024 година со која укина одредби од Законот за матичната евиденција. Во тој предмет Судот зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо и според Судот, негово лично право е да одлучи дали ќе се изјасни и како ќе се изјасни за сопствената припадност, но и право да одлучи да не се изјасни. Според Судот, изјаснувањето за националната припадност односно припадноста на одредена заедница, како и можноста за обработка на овој податок, не може да биде наметната како законска задолжителна обврска за граѓаните.

Токму оваа одлука е апликативна и во овој случај, и таа значи конзистентност во постапувањето на Уставниот суд конзистентност во уставно правниот поредок. 

Судот утврди дека припадноста на заедница, е задолжителен податок кој кандидатот во пријавата за вработување има обврска да го наведе. Ниту во Законот за вработените во јавниот сектор, ниту во Законот за административни службеници, не е пропишано дека податокот за припадност на заедница е општ или посебен услов за вработување, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се прекршува уставно загарантираното право на слободно изразување на националната припадност. Ваквите законски решенија се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободата на изразување на националната припадност, на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративни службеници кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место, а  со тоа и спротивни со уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, уставната гаранција според која секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како што е утврдено во член 32 од Уставот. 

Третиот битен аргумент е фактот кој е општо познат дека од можноста вработениот во јавниот сектор кој има право да поднесе барање за промена на неговите податоци во Регистарот вклучувајќи го податокот и за припадност на заедница, произлегува дека податокот за националната односно припадноста кон одредена заедница, не може да претставува гаранција за запазување на суштината и правилната имплементација на темелната вредност посветена на соодветната и правична застапеност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни