Во екот на летната туристичка сезона, кога традиционално расте обемот на туристички услуги и приходите од нив, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува координирани активности за поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за работа на пазарот.
Како што соопштија денеска од прес-службата на УЈП, во фокусот се приходите што граѓаните ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети (апартмани, станови, куќи, викендички, соби), како и други сезонски дејности поврзани со туризмот.
За таа цел, Управата спроведува неколку паралелни активности:
- Објавување практични насоки за пријавување на остварениот доход;
- Директна комуникација и поддршка за даночните обврзници;
- Меѓуинституционална соработка на државно и локално ниво преку споделување податоци;
- Анализи на ризик и насочени теренски контроли;
- Информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.
„Целта на Управата за јавни приходи не е само да укаже на законските обврски, туку да им помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат. Доброволната усогласеност е основа на современото даночно работење и придонесува за фер конкуренција и поголема доверба во институциите“, појаснуваат од УЈП.
Од даночната управа потсетуваат дека секој приход од издавање сместување подлежи на оданочување и ги повикуваат граѓаните навреме да ги подмират обврските. Истовремено, најавуваат дека ќе продолжат со контроли базирани на анализи на ризик за да се спречи нелојалната конкуренција.