Свет

Ердоган: Русија мора да преземе чекори за да се заштити!

Ердоган: Русија мора да преземе чекори за да се заштити!

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Русија мора да преземе чекори за да се заштити. Потенцирајќи дека НАТО треба внимателно да ја разгледа одлуката на Русија да го резервира правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа со користење на конвенционално оружје.

На прес-конференција во Бразил по самитот на Г-20, Ердоган рече дека Турција мора да одржува добри односи и со Русија и со Украина, како и дека ќе продолжи да повикува на мир, и покрај нападот на Украина врз Русија со американски ракети АТАКМС со долг дострел, објави Ројтерс.

Турскиот претседател рече дека нападот ја влошил ситуацијата.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска издаде ажуриран указ за нуклеарната доктрина, според која Русија сега го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа со користење на конвенционално оружје.

„Причината за ажурирање на руската нуклеарна доктрина беше потребата документот да се усогласи со актуелната политичка ситуација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој, исто така, потсети дека основниот принцип на доктрината не е променет и дека Русија ја смета употребата на нуклеарно оружје „исклучиво како последно средство“.

Путин најави дека ќе се направат измени во документот уште во септември годинава, кога Западот првпат почна да ја разгледува можноста за украински удари длабоко на руска територија, пренесува Танјуг.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни