Пред да застанат на чело на своите држави, дел од светските претседатели имале професии кои на прв поглед немаат никаква поврзаност со политиката. Од манекени и фудбалски ѕвезди до диџеи и радиоводители – нивните животни приказни покажуваат дека патот до највисоката државна функција може да биде неочекуван.
Поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор, пред политичката кариера работел како модел за машка облека. Неговиот професионален пат подоцна го одвел во политиката, каде што ја извршувал и највисоката државна функција.
Уште понеобична е приказната на Џорџ Веа, легендарниот фудбалер кој стана претседател на Либерија. Тој е првиот и досега единствениот африкански фудбалер кој ја освоил престижната „Златна топка“, а подоцна спортската кариера ја заменил со политичка.
На Мадагаскар, пак, поранешниот претседател Андри Раџоелина пред влегувањето во политиката работел како диџеј и бил сопственик на радиостаница. На власт дојде во 2009 година по политичка криза и воен преврат, а неговото владеење заврши во октомври 2025 година, по нова воена интервенција во услови на масовни протести.
Интересни професионални биографии имаат и кандидатите на претседателските избори во Бугарија.
Илијана Јотова е филолог, поранешна новинарка и европратеничка, додека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров е економист, поранешен вицегувернер на Бугарската народна банка и ултрамаратонец.
Нивните приказни, како и примерите од другите земји, покажуваат дека политичките лидери често доаѓаат од сосема различни професионални средини, а не само од традиционалните политички кругови.