Младо лице завиткано со албанско знаме синоќа насилно ја отстранило таблата со грбот на Србија од Конзулатот во Куманово.
Српската амбасада остро го осуди ова дело, нагласувајќи дека ваквите инциденти го загрозуваат дипломатскиот имунитет и безбедноста.
„Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот чин што се случи вчера, 28 ноември 2024 година, кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово на чело со почесниот конзул, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстрани таблата со грбот на Република Србија и натписот ‘Конзулат на Република Србија во Куманово – Почесен конзул’, напишан на српски и македонски јазик. Изразуваме длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Амбасадата бара брзо откривање на сторителот врз основа на видео-снимки.
„Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин“, додаваат од Амбасадата на Србија.
Во Скопје, по синоќешните инциденти со палењето на македонското знаме, осум лица, вклучувајќи малолетник, се уапсени.