Остри обвинувања упати градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кон градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, соопштувајќи дека ѝ е испратена опомена пред тужба поради, како што наведува, нарушување на неговиот углед и клевети.
„Маглата околу причините за нервозата на градоначалничката почна да се расчистува“, напиша Дудуш, обвинувајќи дека Александар, возач во Град Скопје, диригира инспекторски активности кои имаат цел да го дискредитираат. „Записници и докази против мене нема, затоа очајно се обидуваат да измислат и фалсификуваат.“
Дудуш потенцира дека Арсовска преку соопштение и интервју од 27 ноември 2024 година ја нарушила неговата чест и кредибилитет, па поради тоа презема правни чекори.
„Колешке, ви ја разбирам нервозата, но срамот и незнаењето со инспекции и со клевети и навреди не се покрива. Бидете барем малку чесна и извинете се за кажаните лаги и невистини и ќе имаме одлична основа да седнеме на маса и со вашето знаење и моето искуство дупло од Вашето во менаџирање на локални проблеми и предизвици, ќе се обидеме да најдеме решенија“, додаде тој во соопштението.
На крај, Дудуш упати порака до Арсовска: „Во спротивно, се гледаме на суд.“