Од ДУИ денеска упатија реакција по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити.
Според нив, Меџити е личност која две децении ги држела највисоките позиции во Демократската унија за интеграција, а денес, без срам, зборува за „разбивањето на митот за ДУИ“.
„Две децении, Меџити ги искористуваше позициите што му ги даде ДУИ – како потпретседател на партијата, претседател на огранокот на Чаир и три мандати како градоначалник – за остварување на личните интереси и интересите на неговиот фамилијарен клан.
Но, луѓето не се наивни. Албанците добро знаат дека Меџити е симбол на корупцијата, непотизмот и лошото владеење. Тој е лицето на она што го попречуваше развојот и напредокот на Албанците во Чаир и пошироко. Сега, со неговите празни зборови за „разбивање на митови“, тој се обидува едноставно да ја сокрие неспособноста и неуспехот да се прилагоди на новите стандарди за отчетност.
Тој нема никакво морално право да зборува за ова. Неговиот револт е всушност незадоволството што тој не можеше да биде дел од владата на ДУИ, а причината е јасна: тој не успеа да го помине тестот за интегритет и транспарентност што ДУИ и поширокиот процес на проверка за борба против корупцијата го бараат од секој претставник на партијата и на граѓаните.
Изет Меџити не ја задржа својата позиција, не затоа што ДУИ е „мит“, туку затоа што неговите постапки и начинот на работа не се совпаѓаа со новите стандарди за транспарентност и одговорност.
Токму поради оваа причина, тој одлучи да ја напушти партијата и да ја создаде својата, со единствена цел – да влезе во влада по секоја цена, без оглед на недостатокот на легитимитет.
ДУИ останува посветена на принципите на транспарентност, борба против корупцијата и одговорност.
Граѓаните заслужуваат политичари кои ги претставуваат нивните интереси, а не лични агенди.
Албанците нема да бидат измамени од политичари како Изет Меџити, кој ја изгради својата кариера врз злоупотреби и манипулации, а сега се обидува да ја обвини партијата за своите грешки.
Времето на Изет Меџити заврши, а иднината на Албанците е во политики засновани на чесност и вистински вредности“, порачаа од ДУИ.