На денешната прес-конференција, премиерот Христијан Мицкоски најави почеток на акцијата за намалување на цените на повеќе од 600 прехранбени производи, која започнува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари.
„За нас е голема чест што денеска сме тука со министерот за економија, заменикот, директорот на Пазарниот инспекторат, како и претставниците на Стопанските комори и синдикатите. За прв пат на едно место се собраа сите страни – работодавачи, работници, производители и дистрибутери. Заедно успеавме да постигнеме компромис и да се согласиме дека цените на повеќе од 600 артикли ќе бидат намалени во периодот од 15 декември до 15 јануари“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека оваа иницијатива не се реализира преку интервентни мерки или ограничување на цените, туку преку консензус меѓу сите засегнати страни. „Ова не е мерка на Владата, туку договор меѓу сите учесници. На овој начин, нема да има казни, но ќе биде вршен мониторинг за да се осигураме дека на сите производи ќе бидат залепени соодветните налепници, така што граѓаните ќе можат лесно да ги препознаат производите со намалени цени“, објасни премиерот.
Мицкоски истакна дека оваа акција има за цел да помогне на македонските граѓани во тешките времиња и да го подобри нивниот стандард. „Ние како Влада ќе продолжиме да се грижиме за економијата и стандардот на нашите граѓани. Очекувам дека акцијата ќе биде успешна и дека македонските семејства ќе имаат полни трпези и среќни празници“, заклучи премиерот.