Францускиот премиер Мишел Барние денеска поднесе оставка откако го загуби гласањето за недоверба, што предизвика колапс на владата и продлабочување на политичките превирања во земјата.
Барние официјално му ја поднесе оставката на претседателот Емануел Макрон, кој ја прифати. Тој ќе остане на функцијата до именување на новата влада, се вели во соопштението од кабинетот на францускиот претседател.
Макрон вечерва ќе и се обрати на француската јавност.
Вчера, вкупно 331 од 577 пратеници гласаа против кревката влада на Барние, искористувајќи ја можноста да го соборат ветеранот политичар – и познат преговарач – по неговиот обид да донесе дел од годишниот буџет на неговата влада, јавува Си-Ен-Ен.
Неговата е првата француска влада што е поразена со барање за недоверба од 1962 година, а Барние сега треба да стане францускиот премиер со најкраток стаж во историјата.
Изборот на наследник ќе се покаже како деликатна задача, со сè поранливиот претседател принуден да ги смирува пратениците од двете крајности на француската политика.
Макрон го назначи Барние да ја води малцинската влада по предвремените избори, кои претседателот ги распиша летото, го подели францускиот парламент на три фракции, од кои секоја нема мнозинство.