„Оваа компанија не само што не ги исполни договорените количини јаглен, туку и директно ја загрозила енергетската стабилност на државата. Несоодветната динамика на отстранување на јаловината ја наруши геомеханичката стабилност на рудникот „Брод Гнеотино“, вели Петрушевски.
Тој изјави дека на раскинувањето му претходеле бројни опомени и укажувања, но фирмата продолжила со несовесен однос кон обврските. Договорот, склучен на 13 февруари годинава, овозможувал раскинување доколку една од страните не ги извршува обврските.
Тендерот вреден 46 милиони евра се однесува на ископ на јаглен во рудникот „Брод-Гнеотино“. Сепак, според податоците на Бирото за јавни набавки, „Марковски Компани“ има склучено повеќе од десет други договори со РЕК Битола, кои се уште се активни. Последните три тендери, кои фирмата ги доби за неколку месеци, тежат околу два и пол милиони евра.
„Марковски Компани“ во изминатите години стана најголемиот добитник на тендери за ископ на јаловина, со вкупно 20 договори вредни 52 милиони евра. Ова предизвика критики од опозицијата, која тврди дека тендерите биле „местени“ и користени за лична добивка, особено за време на владеењето на СДСМ.