Здравствените работници ќе добијат повисоки плати по потпишувањето на анекс на Колективниот договор од министерот за здравство, Арбен Таравари. Покачувањето се однесува на сите вработени во здравството, а просечната плата ќе се зголеми за 2.450 денари нето. За медицинските сестри со средно образование, платите ќе се зголемат за 3.850 денари нето.
Корекции има и за здравствените работници со средно образование, како лаборанти и физиотерапевти, за кои е предвидено зголемување од 5.681 денари во бруто износ. Исто така, фармацевтите со високо образование ќе бидат изедначени со докторите на медицина и стоматологија.
Платите ќе се зголемат и за работниците во итна медицинска помош, радиотерапија, палијативна и геронтолошка здравствена заштита, како и за медицинските сестри во интензивно лекување на Универзитетската клиника за детски болести.
Министерот информираше и дека околу 1.000 лица со договор на дело ќе бидат трансферирани на неопределено време до крајот на годината.