Македонија

Филипче го поддржувал Заев во матните тендери во РЕК Битола, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Филипче го поддржувал Заев во матните тендери во РЕК Битола, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, го поддржувал, како што велат, „криминалот“ во РЕК Битола преку тендери поврзани со фирми блиски до поранешниот премиер Зоран Заев. Според соопштението од партијата, овие активности придонеле за опустошување на енергетскиот сектор и зголемување на цената на електричната енергија, што го погодило македонскиот народ.

„Матните тендери во РЕК Битола, каде што фирми блиски до Заев испумпуваа десетици милиони евра и 7 години го опустошуваа енергетскиот комбинат, за Филипче не е криминал“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата посебно го потенцира тендерот вреден 43 милиони евра за ископ, доделен на компанијата „Марковски“, кој неодамна бил поништен од новото раководство на РЕК Битола. Во соопштението се споменуваат и други компании, како „Јавор Транс“, за кои велат дека се блиски до Заев и дека преку нив се испумпувале милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Филипче останува лојален на политиките на Заев, што според нив, значи продолжување на практиките кои довеле до поскапување на струјата и финансиски загуби за граѓаните.

„Потрчкото на Заев, Филипче не се откажува од својот ментор, а со тоа не се откажува од поскапата цена на струјата заради која страдаше народот, ниту од криминалот во РЕК Битола“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Со оваа изјава, партијата повторно упатува критики кон актуелното раководство на СДСМ, обвинувајќи го за продолжување на, како што велат, „политиките на криминал и злоупотреби“.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни