Сериозна загриженост изрази здружението на судии на Република Северна Македонија, предводено од претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, поради одлуката на Стејт департментот на САД да ги стави поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на црната листа. Според нив, ваквата мерка претставува сериозен удар врз честа и угледот на судската власт и нејзините функционери.
Груби и Беџети се означени за вмешаност во значителна корупција, вклучително и прифаќање мито за манипулирање со судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, стои во соопштението од Стејт департментот.
Ставањето на корумпирани функционери и нивни семејства на листата на непожелни лица во САД не е насочено кон заштита на честа и угледот на тие лица. Напротив, тие се наоѓаат на таа листа затоа што ја изгубиле честа, угледот, моралот, етиката и легитимитетот.
„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сè со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред сè заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, се вели во соопштението на Здружението, кое се чувствува загрозено како фела од ставањето на судијата Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот.
Денеска американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер рече дека САД не ги доставуваат до македонските власти доказите за лицата ставени на црната листа, поради почитување на нивната приватност, но вели дека штом можеле тие да ги соберат доказите, можат и македонските власти.
Апелационот судија Беџети го чуваше во фиока 9 месеци предметот „Тврдина-Таргет“ за Сашо Мијалков за полесно да застари и цели 3 години предметот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, од истите причини.