Два земјотреса ја погодија регијата на Косово близу границата со Албанија ноќеска, еден во 01:46 и вториот во 03:59 часот по македонско време. Првиот земјотрес имал јачина од 4 степени, додека вториот бил послаб, со интензитет од 3,2 степени според Европската сеизмолошка скала.
Епицентарите на двата земјотреса се наоѓале во близина на Призрен, но биле почувствувани и во северниот дел на Македонија, особено во Тетово, Гостивар и Скопје.
Многу македонски граѓани на социјалните мрежи споделија дека ги почувствувале потресите.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава, 12.12.2024 година во 01 часот и 46 минути и 03 часот и 59 минути, регистрираа земјотреси чии епицентри се наоѓаат во Р. Косово. Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата:
• епицентарот на првиот земјотрес е 76 км северозападно од Скопје со локална Рихтерова магнитуда МL4.0, a е почувствуван во северозападниот дел на државата со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала,
• епицентарот на вториот земјотрес е 66 км северозападно од Скопје со локална Рихтерова магнитуда МL3.3 а е почувствуван само во западниот дел на државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, велат од Сеизмолошката опсерваторија на Македонија.