Попладнево, Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Македонија го повика вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, за да изрази остар протест и осуда за ракетниот напад на руските сили врз Киев, при кој беше оштетена и Амбасадата на Република Македонија.
На амбасадорот Баздникин му беше врачена протестна нота, во која се нагласува сериозноста на нанесената материјална штета и се бара одговорност за инцидентот.
Тешки последици од нападот
Нападот врз Киев се случил рано утрото, предизвикувајќи големи човечки и материјални загуби. Едно лице го загуби животот, а 12 се повредени. Дополнително, нападот го оневозможи системот за затоплување на 630 станбени згради, 16 болници и 30 училишта и градинки.
Меѓу оштетените објекти се и 20 административни висококатници, католичката црква „Св. Никола“ во центарот на Киев, како и Националниот јазичен универзитет.
МНР: „Нападот е неприфатлив“
Министерството остро го осуди нападот, истакнувајќи дека ваквите дејства се целосно неприфатливи и дека нанесуваат штета не само на дипломатските мисии, туку и на цивилното население и виталната инфраструктура.
Македонската амбасада во Киев, како и другите дипломатски претставништва, е под заштита на меѓународното право, а ваквите акти претставуваат грубо кршење на истото.
МНР најави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и дека ќе преземе сите неопходни дипломатски чекори за заштита на интересите на Република Македонија и на своите дипломатски мисии во Украина.
ВИДЕО Еве како изгледа македонската амбасада во Киев по ракетниот напад