Заклучно со денешниот ден, во хуманитарниот апел на Црвениот крст на Република Македонија за настраданите од пожарот во Кочани се собрани 112.595.482 денари. Досега е извршена првична исплата на средства за семејствата на сите починати, како и за повредените кои се лекуваат во земјата и во странство.
Денеска беше реализирана и втората исплата за поддршка на настраданите семејства, со што вкупно досега се распределени 60.850.000 денари од донациите.
-Во координација со релевантните државни институции, министерствата и Владата, се работи на развивање на соодветен пристап за понатамошна распределба на средствата, кој ќе обезбеди навремена и праведна помош за лекување и справување со последиците од трагедијата, велат од Црвениот крст.
Организацијата, во соработка со партнерите, продолжува да обезбедува психосоцијална и друга поддршка за погоденото население.
Поради големиот интерес за донирање, апелот за собирање на средства останува отворен.